Покрај задржувањето на макроекономската стабилност во стопанството, порастот на економијата преку зголемување на извозот, интензивирање на јавното приватно партнерство, како и целосна реализација на капиталните инвестиции, посебен акцент за 2011 година на Стопанската комора на Македонија ќе биде ставен на искористеноста на парите од ЕУ-фондовите. Комората ќе се залага и за надминување на проблемот со неликвидноста кај компаниите, но и со пребивање на долговите кон фирмите од страна на државата, со цел да се подобри бизнис-климата. Годинава активностите ќе се фокусираат на интензивирање на извозот преку јакнење на соработката со коморите од регионот и ЕУ, преку едукација и промоција. Според неа, она на што треба посебно да се обрне внимание е компаниите да се поттикнат да аплицираат за да ги користат средствата од европските фондови, бидејќи во овој дел нашето стопанство многу заостанува во споредба со земјите во регионов, како и Шпанија, Франција и Италија како најголеми корисници на овие пари.
Покрај задржувањето на макроекономската стабилност во стопанството, порастот на економијата преку зголемување на извозот, интензивирање на јавното приватно партнерство, како и целосна реализација на капиталните инвестиции, посебен акцент за 2011 година на Стопанската комора на Македонија ќе биде ставен на искористеноста на парите од ЕУ-фондовите.
Комората ќе се залага и за надминување на проблемот со неликвидноста кај компаниите, но и со пребивање на долговите кон фирмите од страна на државата, со цел да се подобри бизнис-климата.
- Годинава активностите ќе се фокусираат на интензивирање на извозот преку јакнење на соработката со коморите од регионот и ЕУ, преку едукација и промоција - укажа вчера Стојмирка Тасевска, советник на Управниот одбор на Стопанската комора.
Според неа, она на што треба посебно да се обрне внимание е компаниите да се поттикнат да аплицираат за да ги користат средствата од европските фондови, бидејќи во овој дел нашето стопанство многу заостанува во споредба со земјите во регионов, како и Шпанија, Франција и Италија како најголеми корисници на овие пари.
- За да ги користат компаниите ЕУ-фондовите, неопходна е институционална помош. Затоа стартува со работа Центарот за имплементација на развојните идеи чија цел е да се зголеми бројот на претпријатијата од Македонија што ќе аплицираат за ЕУ-средствата, како и износот на пари што ќе се повлекуваат - рече Јадранка Аризанковска, директор во Стопанската комора.
Анализите покажуваат дека во однос на понудените пари, незначителен е бројот на македонски фирми што аплицирале за ЕУ-фондовите. Реално оваа бројка може да се зголеми најмалку трипати, но доколку се подготват солидни апликации од страна на компаниите.
Во ЕУ-Програмата за годинава планирани се околу 1,9 милијарди евра за истражување и развој, средства што се дел од ФП7 Програма. За ЦИП-програмата резервирани се околу 250 милиони евра, а за ИПА-Програмата и петте компоненти - 98,7 милиони евра. Предвидени се и кредитни линии од ЕБРД - 14 милиони евра за конкурентност на мали и средни претпријатија и 12 милиони евра за енергетска ефикасност. ЕИБ ќе одобри уште 50 отсто, односно 50 милиони евра кредитна линија за малите и средни претпријатија.
Поразително е според Аризанковска, што за екоиновации досега само Македонија и Црна Гора не аплицирале со проекти, додека за ФП7 Програмата - проекти од Македонија има, но главно ги поднесуваат јавните претпријатија, научните и јавните институции. За иновации и нови технологии најмногу Италија, Шпанија и Франција ги искористуваат средствата од ЕУ-фондовите. Според Ристо Иванов, претседател на Групацијата за консалтинг при Стопанската комора на РМ, немањето доволно финансии и некомпетентноста остануваат главните причини поради кои македонските претпријатија многу малку аплицираат за средствата од ЕУ-фондовите.